Една идеја, една иницијатива која се раѓа во предизвикувачките времиња на Ковид пандемијата, поттикната од жените фармери од рурални средини прераснува во пример за плодна меѓусекторска соработка и инцијатива кој ги менува не само животите на овие жени со визија, туку и го трасира патот за остварување на повеќе цели за одржлив развој.
Организацијата „Рурална коалиција“ се пријави на повикот на Конект за учество во Донаторскиот кружок на кој пред бизнис заедницата на кој ја презентираше идејата за „Наша тезга“ и предизвика голем интерес кај потенцијалните донатори. Голем успех е што за првпат граѓанска организација добива интерес и поддршка од бизнис секторот и дури општините, што водеше до мрежа на контакти и други донатори.
Така се раѓа „Наша тезга“, првиот женски рурален онлајн пазар, за онлајн продажба на земјоделски производи произведени исклучиво од жени фармери од руралните средини.
Не поминува долго време за да се прошири веста за овој храбар и силен претприемачки потег на жените земјоделки, што понатаму предизвика уште поголем интерес и кај останати донатори, граѓани.
„Донаторите од донаторскиот кружок нè охрабрија да оствариме поблиски контакти со целата заедница, кои ни помогнаа да го доуредиме логото, да направиме барем три различни пакети на производи што ќе ги понудиме како промотивни пакети на фирми, компании, па и на граѓански организации, како и воспоставување на целосен систем за нарачка за што ќе ни треба и најголема експертска поддршка.“ – Лилјана Јонеска, „Рурална коалиција“.
Самото поставување на платформата и медиумскиот интерес за платформата и за жените кои што се дел од истата донесе силна промоција на самите жени како во однос на нивниот живот на село, правата кои што ги имаат, предизвиците со кои што се соочуваат. Одеднаш почнува да предизвикува интерес кај различни чинители: примарно донатори, но, и индивидуалци, граѓани, општини, со различен тип на поддршка.
Ефектот на меѓусекторската соработка значење различен тип поддршка, од различни чинители:
Преку проектот „Име“ на Швајцарската амбасада, иницијативата добива поддршка од академска институција, конкретно со факултетот ФИНКИ чиишто студенти ја изработија платформата.
ИТ компанија про боно го изработува логото и дел од дизајнот на страницата.
ПР агенција изработува про боно маркетинг стратегија за лансирање и промоција на платформата „Наша тезга“ на социјалните мрежи.
Порталот „Види вака“ сними видео со Наша тезга, на огромно задоволство на жените земјоделки за кои продукцијата на видеото беше многу возбудлив и горд момент.
Приказна за „Наша тезга“ е толку силна и инспиративна што го привлекува вниманието и на општините. Како позитивен пример е тоа што Општините Јегуновце, Брвеница ја промовираа „Наша тезга“, додека Општина Охрид отиде и чекор понатаму со промотвина кампања за откупување на производите.
„Рурална коалиција“ продолжува со учеството на национални и социјални саеми за социјално претприемништво. Преку соработката со Центарот за социјални претпријатија беа поканети жените пратенички пред кои беше презентирана иницијативата, како и конкретни податоци за тоа што им е потребно на на жените од руралните средини заедно со предлог законски измени за унапредување на статусот на жената земјоделка.
Добриот глас надалеку се слуша, па жените од „Наша тезга“ кои се примарно од Западна Македонија се вмрежуваат меѓу себе и се поврзуваат со жените земјоделки од Источна Македонија и разменуваат производи помеѓу себе.
„Наша тезга“актуелно е вклучена и во меѓународната академија „Dream Builder“ во организација и реализација на Амбасада на САД во Македонија. Преку следење на 13 модули за јакнење на маркетинг и претприемачки вештини, 30 жени земјоделки од руралните средини ќе бидат првите кои посетувале и поминале меѓународна академија за бизнис планови.
Зголемените економски активности на „Рурална коалиција“ која веќе остварува приходи ја разви организацијата во насока што дел од тимот веќе се насочува кон социјално претприемништво.
И што уште нема да произлезе од визионерските идеи и вредните раце на жените замјоделки.
Таргетирани цели:
„Ние, жените ќе го дадеме својот максиум овој рурален е-пазар да стане единствен не само во земјата туку и во регионот!“
- Живка Ѓурчиноска
Живка Ѓурчиноска е регистрирана индивидуална земјоделка од селото Тумчевиште, Гостивар. Таа е една од жените која живее на село и која како и другите жени во „Рурална коалиција“ беше погодена од Ковид пандемијата со намалена продажба на земјоделските производи од кои таа и нејзиното семејство живеат.
Живка од друга страна е една од првите жени кои се регистрирани како индивидуални земјоделки и која што има имот на свое име. Кога започна да се развива иницијативата за онлајн продажба и воспоставувањето на руралниот женски е-пазар, таа беше меѓу првите жени која што ги промовираше своите производи на платформата, а дополнително ги убеди и другите жени од селото да го сторат истото.
Медиумите ја промовираа приказната на Живка, нејзиното семејно земјоделско стопанство, нејзиното производство, а нејзиното име се најде на сите национални и локални ТВ медиуми и портали. За животот на Живка се снимаше и репортажа на регионалната ТВ Ал Џезеира, а беше и една од жените чија што успешна приказна со одгледување на лешник беше раскажана на настанот организиран по повод Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври. Дополнително, нејзините приходи и продажбата на земјоделските производи се зголеми за минимум 10% за период од 2 месеци од кога почна и интензивната и фреквентна промоција на платформата.
Најважно од сè, за Живкица и за сите 120 жени земјоделки оваа иницијатива е животоменувачка. „Наша тезга“ на „Рурална коалиција“ има трансформативната улога на иницијативата во смисол на подобрување на економската состојба на руралните жени, како и дополнителното зајакнување на нивните капацитети, што понатаму создава можност за социјално претприемништво со одржлив развој.

