Самохраните родители, како идни социјални претприемачи и креатори на одржливи заедници и градови!
Во Македонија 1 од 8 луѓе денот го поминува со еден оброк или помалку. 25% од овие луѓе се деца кои најчесто доаѓаат од социјално загрозени еднородителски семејства.
ГИЗ и Конект во 2021 дадоа поддршка за граѓанската иницијатива на „Мама Органа“ која како социјално претпријатие започна иницијатива со жени самохрани родители од Општина Аеродром. На ова претходеше социјално мапирање спроведено од страна на Општината, кое како ранлива категорија ги лоцираше самохраните мајки, кои поради ограничените можности имаат потешкотии во наоѓањето работа или достоинствен приход за нив и нивните семејства.
Тие произведуваат органски ѓубрива и супстрати произведени од отпад од храна, кои понатаму се пласираат на пазарот. Средствата од продажбата на компостот и супстратите се инвестираат во набавка на опрема за одгледување во зимскиот период, со цел жените да се охрабрат да одгледуваат зачински билки: магдонос, копар, оригано и мајчина душичка, кои понатаму ќе бидат продавани како зачини.
На ова претходеа работилници од страна на тимот на „Мама Органа“ кои комбинираа едукација за Урбано градинарство и стекнување претприемачки вештини.
Работилница за расад (20.9.2021)
Работилница за зимски култури (15.10.2021)
Работилница за кактуси и сукуленти (25.10.2021)
Беа реализирани работилници и за онлајн продажба, а ефектот се дополнителни 70 садници кои исто така се дел од понудата на производи кои успешно се продаваат онлајн, на социјалните медиуми, како и на саеми и базари.
За иницијативата имаше интерес кај повеќе чинители:
Со поддршка на ГИЗ и Конект беше издадена и брошурата „Урбано градинарство“ на Наталија Бургиева, основачка и менторка во „Рурална коалиција“.
Донатори од бизнис заедницата со финансиска поддршка овозможија купување мали рачни алати, пластеници за мини стаклена градини, даски за подигнати градинарски леи.
Членувањето на „Мама Органа“ во „Занаетчиската комора“ обезбеди присуство на новогодишен базар на кој жените ги продаваа своите производи, што им донесе и дополнителен приход, но, и средства за достоинствена и полна радост новогодишна атмосфера во нивните срца.
Партнерството со бизнис секторот придонесе за дополнителна мотивација на жените од „Мама Органа“ која резултираше со изработка на новогодишни комплети. Уникатните новогодишни подароци се продаваа во партнерска мрежа на организации и компании, како уште еден дополнителен начин да се зајакнат претприемачките капацитети, со поддршка од бизнис заедницата.
„Мама Органа“ продолжува и понатаму во визионерските обиди за создавање самоодржливи заедници и социјални претприемништва. Во соработка со советниците од „Зелен хуман град“ поднесоа амандман на буџетот за 2022, за поставување на десет помали компостари низ сите општини, за нив да се грижи оператор, а да се полнат со учество на граѓаните. Град Скопје ќе реализира една компостара како пилот проект. Компостот ќе се користи и за градината, и за граѓаните. Планирано е тоа целиот процес да биде автоматизиран, а и влегувањето да биде ограничено само за жителите на конкретната населба.
Дополнително, „Мама Органа“ е во координација со Општина Ресен, со која се разгледуваат можностите и капацитетот на компостарата во Преспа која во моментов не се користи, со можност за меѓусекторска соработка на локално ниво.
Трансформативна улога во локална и национална смисла: една од првите иницијативи кои обедини чинители од бизнис и од невладиниот сектор и успешно ја имплементираше иницијативата со еднакво учество на чинителите. Воедно, вклучувањето во социјално претприемништво значи зајакнување на капацитетите на самохраните мајки кои сега остваруваат достоинствен приход.
Таргетирани цели:
„Атмосферата на работилниците ме наполни со позитивна енергија и ме инспирираше да пробувам нови работи. Во иднина се надевам дека мајсторски ќе ја совладам техниката за производство на природни сапуни“
Јелица Живковиќ е самохран родител на три деца, која остварува минимален приход работејќи како продавачка во супермаркет. Поседува талент за рачни изработки и амбициозна е во подобрувањето на условите за живот на своето семејство. Таа е една од жените кои зема активно учество во иницијативата, со желба да се едуцира за урбаното градинарство, но и за да се стекне со претприемачки вештини.
Но, Јелица продолжува и прави исчекор – инспирирана од учеството на работилниците, кај неа се јавува иновативна идеја и самоиницијативно креира прототип на природен сапун, изработен од остатоци од сапуни.

